Тимот на Вардар го очекува првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите против унгарскиот Веспрем.
Стратегот Стевче Алушовски ја препушта фаворитската улога на Веспрем, но вели дека Вардар не е без шанси.
„Имаме уште два тренинзи да одработиме до почетокот на мечот, ги анализираме, Веспрем е екипа која оваа година играше Ф4 и е фаворит во двомечот со нас. Тоа не значи дека сме без шанси и дека лесно ќе се предадеме. Во финалето на СЕХА игравме веќе еднаш, таму им останавме должни на нашите навивачи и го загубивме тој меч во 40. минута“, вели Алушовски.
Тој смета дека во споредба со тој дуел во септември, овој состав на Вардар сега е повоигран и поквалитетен.
„Мислам дека овој Вардар во овој момент е многу поквалитетен и повоигран од она што игравме на тој натпревар во септември. Ќе го дадеме својот максимум, ако тоа е доволно, ќе се радуваме, а се надевам дека ќе биде доволно за такво нешто. Секако дека пред празни трибини не значи ништо дали играме прво дома или на гости. Теренот е секаде ист, ниту е предност ниту маана што играме прв натпревар дома. Имаме еден добар континуитет, бевме добри со Мотор и Пелистер, два тешки меча за нас. Одигравме и два меча во серија во Купот коишто ја држат екипата во натпреварувачки ритам. Мислам дека сме доволно подготвени да одговориме на предизвикот наречен Веспрем“, вели Алушовски.
Првиот меч меѓу Вардар и Веспрем се игра в четврток во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18:45 часот.