Алушовски: Во Вардар ќе има најмалку едно засилување

Паузата за ракометарите на Вардар заврши вчера кога тренерот Стевче Алушовски ги собра играчите кои во моментов не се на собири со репрезентациите.

Подготовките ќе бидат кратки и ќе се одработуваат во Скопје, а многу брзо ќе дојде и првиот натпревар така што ќе мора да се тренира најдобро што може за да се дојде до посакуваната форма.

„Пред стартот на полусезоната имаме еден краток период за подготовски за она што нè очекува, особено густиот распоред во февруари. Во следните три недели мораме да се подготвиме за сето она што ни претстои. Во овој момент ни недостигаат седум ракометари. Дисингер нема да патува за Египет и тој се враќа в четврток. Жал ми е поради него што се случи така, но во исто време сум среќен што ќе го имаме на овие подготовки во Вардар. македонските репрезентативци Стоилов, Димитриоски, Мишевски и Талески исто така ќе отсуствуваат од подготовките. Сè е условено. Сакам Македонија да учествува на Светското првенство, но среќен ќе бидам ако и тие се приклучат на тренинзите и ќе работат со нас на овие кратки подготовки, за сето она што не очекува. Чупиќ и Валчак најмалку до 28 јануари со сигурност ќе отсуствуваат. Очекувам без двајца ракометари да ги одработиме подотовките“, изјави Алушовски на првиот собир вчера.

Тој ги насочува подготовките за февруари кога претстојат многу дуели, а смета дека главно ќе биде гостувањето во Португалија каде што се очекува да се одигра на максимум.

„Според мене најважниот натпревар е против Порто на гостувањето каде се надевам на еден позитивен резултат и тоа да биде еден импулс повеќе за да направиме нешто кое ќе не води во остварување на нашите цели во оваа сезона. Имавме големи проблеми со коронавирусот и се надевам дека тоа е зад нас и дека во периодот кој ни претстои ќе бидеме сите подготвени и ќе бидеме една целина и дека ќе можеме да тренираме и да напредуваме од ден во ден и да не заборавиме исто така важно за нас ќе се потрудиме да го освоиме првенството и Купот“.

Инаку, до 1 март Вардар го очекуваат двоцифрен број на натпревари во СЕХА лигата и во Лигата на шампионите. Ова ќе биде жестоко темпо, а ако се има предвид дека од март ќе има средби и на домашен терен ќе биде уште повозбудливо.

„Кога ќе се земат предвид двата натпревари кои ќе ги одиграме во СЕХА лигата пред дуелите во Лигата на шампионите и оној натпревар со ПСЖ дома за кој уште нема датум, до 4 март ние практично треба да одиграме 11 натпревари. Ќе биде многу тешко бидејќи тоа не се само натпревари. Тука има и патувања, подготовка за секој натпревар. Ќе биде пеколно, многу тешко и ќе мора да бидеме максимално фокусирани, секој да даде еден атом повеќе од силите за да може да го оствариме она што е зацртано. Нормално прво сакам да размислувам позитивно и да очекувам дека овој ростер кој го имаме ќе биде доволен за да го изнесе сето тоа“.

Тренерот на Вардар, најавува и засилувања, но засега нема ништо конкретно. Според него за очекување е до крајот на преодниот рок во Вардар да дојде барем еден играч, но може и повеќе. Сепак, тоа ќе треба да бидат ракометари кои можат да настапат во Лигата на шампионите.

„Нема да биде изненадување доколку во Вардар дојде најмалку еден играч на полусезоната. Сè зависи од тоа дали ќе може и колку ќе може. Условено е кој од играчите можат да играат во Лигата на шампионите во полусезоната која претстои. Да бидам искрен оптимист сум. Среќен сум што после подолго време се собираме. Нарпавивме прв тест и сè е како што треба. Мислам дека најтешкиот период е зад нас. Со една позитивна мисла ги почнуваме подготовките“, изјави Алушовски.

Првите две средби за Вардар се во СЕХА лигата што ќе биде добро за загревање. Во Скопје гостуваат Војводина и Нексе, а потоа ќе следуваат пресметки во Лигата на шампионите.