Алушовски: Вардар секогаш е фаворит дома, против Елверум шансите за успех се големи

Ракометарите на Вардар се наоѓаат пред нов предизвик, а од утре до следната сабота ги очекуваат четири средби во три различни натпреварувања.

Првиот меч е веќе утре во Скопје во СЦ „Јане Сандански“ против составот на Елверум од Норвешка. Тоа е шанса за рехабилитација после двете добри средби против Пик Сегед на кои беа забележани тесни порази.

„Не очекува пеколна недела. Од недела до недела треба да одиграме четири натпрвари две од Лига на шампиони, еден од Купот на Македонија и еден во СЕХА лигата. Ние одиме постепено и работиме од натпревар до натпревар. Прво ни претстои средба против Елверум в недела. Одигравме два натпревари против Пик Сегед на кои бевме близу до победа, но за жал или за наша несреќа не успеавме да освоиме ниту еден поен. Сепак, нема назад, тоа е архивирано во историја и мора да гледаме напред и на натпреварот против Елверум“, вели тренерот на Вардар, Стевче Алушовски.

Веќе е направена анализа за ривалот и добро се знае што може да се очекува од противникот. Станува збор за незгодна екипа која игра добро и на гости и на домашен терен.

„Се работи за екипа која не е нималку наивна. Го покажа тоа на неколку натпревари во есенската полусезона и не смееме никаков да ја земеме со потценување или резерва во подготовката. Анализиравме каква е одбраната на противникот. Се работи за квалитетна одбрана слична на скандинавската школа со многу контакт и густина, но мислам дека знаеме и умееме после два несреќни порази в недела да се радуваме. Секогаш кога Вардар игра дома е фаворит, но сега шансите за успех се поголеми отколку против Пик Сегед“, изјави стратегот на „црвено-црните“.

Средбата се игра утре од 16 часот во СЦ „Јане Сандански“, а очекувањата дефинитивно се Вардар да дојде до бодови од овој натпревар.