Женската репрезентација на Македонија денеска ќе стартува со настапот на Европското првенство во ракомет на плажа. Домаќин на континенталниот собир ќе биде португалскиот град Назаре.
Дел од стручниот штаб на македонската репрезентација е поранешната репрезентативка на Германија, Ања Алтхаус, која во својата клупска кариера настапуваше за Вардар.
Германката веќе неколку години живее во македонската престолнина, имаше и клупски ангажман во суперлигашот Скопје.
Сега Алтхаус има функција на помошен тренер, односно асистент на Златко Мојсоски, кој доби доверба да биде главен селектор на женската ракометна репрезентација на плажа.
Искусната ракометарка во разговор за Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги сподели своите очекувања и истакна дека секој освоен бод ќе значи многу за ракометарките, кои имаа мал временски период да ги учат правилата за ракомет на плажа.
,,Одиме целосно мотивирани и подготвени да се натпреваруваме во Португалија. Исто така, не одиме со наведнати глави, ќе играме со гордост, ќе стекнуваме искуство…На почетокот малку имавме потешкотии да ги вклучиме сите, но штом почнавме со подготовките, девојките се вклопија брзо и многу ми се допаѓа нивната енергија и желба за учење. Јас и Златко Мојсоски сме навистина задоволни од нивниот напредок”, изјави Алтхаус.
За Алтхаус најголемиот предизвик е да изгради доверба кај ракометарките, но и соодветно да одговори на задачата, со цел да се постигне повеќе од она што е зацртано како планска шема.
,,Најголемиот предизвик за мене е да изградам доверба кај играчите за нивните квалитети и да ја подигнам нивната самодоверба затоа што немаат искуство во играње ракомет на плажа. Не смееме да се плашиме во Португалија и мојата работа е да создадам конкурентен тим на краток рок, но и јас размислувам за долгорочна цел и иднината“, додаде Алтхаус.
Македонија ќе игра во група со репрезентациите на Холандија, Украина и домашната селекција. Според Алтхаус, доколку некоја од трите репрезентации ја потцени Македонија, тогаш нашата репрезентација би можела да ја искористи опуштеноста и да направи изненадување.
,,Не вршиме никаков притисок врз девојките да постигнат одредена цел бидејќи веќе е голем успех што ќе се појавиме на првенството. Мора да го собереме ова искуство и да го извлечеме максимумот од него за да растеме како тим. Ние сме во многу тешка група и секој наш противник веќе има поголемо искуство од нас, но кој знае, можеби некој од нив ќе не потцени и се надеваме дека ќе го искористиме тој момент да ги изненадиме. Навистина се надевам и посакувам да го оствариме ова за да обезбедиме бодови. Ако ова се случи, тоа ќе биде дополнителен успех”, заврши Алтхаус.
Европското првенство во ракомет на плажа ќе се игра до 28 мај.