Во настојувањата да го имаат најдобрите, најпознатите и најпреспективните, новиот ракометен суперлигаш Алкалоид од редовите на Вардар ја донесе ракометната легенда на Македонија. Од 1 јануари во Автокоманда се сели макеоднскиот „ракометар на векот“ – Пепи Манасков.
Тој веројатно официјално ќе биде промовиран или најавен утре, но сигурно е дека на крајот од месецов му завршува ангажманот во Вардар каде беше одговорен за пионерската екипа. Сега, на барање на Лазаров и Мукаетов, десноракиот бомбардер чие име е препознатливо во цел свет треба да работи исто така со младите категории, само во Алкалоид.
Манасков веќе ги информирал во Вардар дека заминува кај новиот суперлигаш кој патем има две екипи, едната во супер лига, а другата во прва лига, и дека таму ќе продолжи да работи. Сините од Автокоманда имаат две сениорски екипи, и дузина младински тимови и школи, и Манасков веројатно ќе добие улога на координатор. Се зборува дека ќе ја добие генерацијата 2006 и помлади со кои треба да продолжи да работи.
Но, можно е дури и да добие уште поодговорна задача, во некоја од сениорските екипи. Манасков е ракометар по кој сите ја знаат Македонија во ракометот. Има играно и за репрезентацијата на СФРЈ и двапати во тимот на светот. Тренерската работа ја почнува случајно во Металург, а потоа беше тренер во Вардар, па во Работнички па пак во Вардар. Тој е синонимот за македонскиот ракомет.
Манасков и Лазаров беа со националниот тим на СП 1999 во Египет, но не минаа долго време заедно на терен. Лидери на две различни генерации, а мноумина сонуваа и сакаа да ги видат двајцата барем десетина години да можеа да бидат соиграчи во националниот тим.
Сега тоа ќе им се оствари, повторно во ракометот, но сега покрај теренот, како тренери.