Ракометарите на Алкалоид ја продолжија победничката серија во Супер лигата, откако славеа на тешкото гостување кај Охрид со 29-28. Домашните во првиот дел беа во егал со избраниците на Кире Лазаров, кои кон средината на второто полувреме ја направија клучната предност кон трите бода.
Гостите подобро го отворија натпреварот и водеа со 5-3, па 7-5, но охриѓани набрзина се вратија во егал, 7-7. Потоа се играше гол за гол до крајот на полувремето и ниту од екипите не успеа да поведе со повеќе од еден гол, 16-16.
На стартот на вториот дел, двете екипи промашија по два пати. Охрид се мачеше во нападот, а Ѓорѓиев и Серафимов погодуваа за 18-16. Алкалоид ја смени одбраната во 5-1, па домашните имаа многу проблеми да ја разбијат.
Ниту тајм-аутот на домашниот стратег Горан Андоновски не вроди со плод, па гостите од Скопје обезбедија и плус четири, 20-16. Грешките продолжија, па иако Миленковиќ бранеше солидно, Митев со два гола по ред му донесе 24-18 на Алкалоид.
Охриѓани одбранија два напади на ривалите, а по вториот тајм-аут на Андоновски тргна нивната серија од четири гола за 26-24 на осум минути до крајот. Серафимов го прекина лошиот период на неговиот тим и стрелаше за 27-24.
Трајкоски на спротивната страна исто така беше одличен на голот, па Алкалоид врати плус четири, 28-24. Охрид беше упорен и повторно стигна на минус два, добија шанса и за минус еден по одбраната на Цинцадзе, но Шешиќ не погоди на три минути до крај.
Серафимов од пенал стрелаше за 28-25, беше и 29-26, а домашните до крајот само ја намалија предноста на Алкалоид за конечни 29-28. Мартин Серафимов даде 12 гола за победникот, додека за Охрид, девет пати стрелаше Озтурк, а седум Бојаниќ.