Тимот на Алкалоид ја продолжи победничката серија во суперлигашката конкуренција, откако на домашен терен славеше против Куманово со убедливи 31 гол разлика, 47-16. Гостите водеа само на стартот со 1-0 и 2-1, а потоа се беше во знакот на домашните ракометари. Избраниците на Кире Лазаров погодија четири пати во серија за 5-2, но кумановци намалија на 6-5.
Следуваше голем пад во играта на гостите, тоа го искористи Алкалоид и се одлепи на плус шест, 11-5 и веќе беше јасно каков тек ќе има овој натпревар. До паузата домашните обезбедија високи плус 12, 20-8.
На стартот на вториот дел, Трајкоски бранеше одлично, па неговите соиграчи лесно казнуваа во контранапади и разликата во корист на Алкалоид само се зголемуваше. Шанса добија сите играчи од двата тима, но ништо значајно не се промени на теренот. Домашните со неколку цепелини ја размрдаа малубројната публика во СЦ „Јане Сандански“ во финишот на мечот, кој заврши со 47-16.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Дариио Кофилоски со 11 гола, како и Стојков и Серафимов кои погодија по пет пати. Во составот на Куманово се истакна Вучко Мрвовиќ со пет гола.