Ракометарите на Алкалоид ја запишаа седмата победа во дебитантската сезона во суперлигашкото друштво. На домашен терен, избраниците на Кире Лазаров, беа подобри од составот на Прилеп со 37-22.
Гостите одржуваа резултатска рамнотежа и водеа со 3-1 на стартот на мечот, но потоа со головите на Митев, Иваноски и Петковски, Алкалоид направи пресврт и поведе со 4-3. Домашните имаа плус еден или два, но во финишот на полувремето падна концентрацијата кај прилепчани.
Тоа го искористи Алкалоид и до паузата направи солидна залиха од седум погодоци, 19-12, кој им гарантираше мирно второ полувреме.
На стартот на вториот дел два гола за домашните и веќе беше 21-12. Тренерот Лазаров ги ротираше сите ракометари што ги имаше на располагање, но предноста на Алкалоид растеше до конечните 37-22.
Најдобри стрелци во победничкиот состав беа Александар Петковски со шест гола, како и Мартин Серафимов, Божидар Илиески и Михаил Иваноски со по четири погодоци, додека кај Прилеп се истакнаа Пеце Ѓорѓиески со девет гола.