Новоформираниот тим Алкалоид ги потврди првите засилувања пред стартот на новата сезона во која ќе се бори за пласман во Суперлигата.
Својот потпис на договорот го ставија македонските репрезентативци – десниот бек Мартин Серафимов и средниот бек Игор Ѓорѓиев.
Серафимов и Ѓорѓиев имаат по 21 година, а претходната сезона ги носеа дресовите на Металург, односно Голден Арт КЛ7.
Со склучувањето на првите два договора со едни од најперспективните млади ракометни надежи и репрезентативци, РК „Алкалоид“ го започна процесот на регрутација. Мартин Серафимов (21 година), кој игра на позицијата десен бек, и Игор Ѓоргиев (21 година), кој игра на позициите централен и лев бек, својата кариера ќе ја продолжат во новоформираниот ракометен клуб, РК „Алкалоид“. Новиот македонски ракометен клуб, РК „Алкалоид“, е формиран со цел младите таленти кои имаат потенцијал и желба за игра правилно да се насочат и да се развиваат, во насока на градење врвни ракометни играчи со позитивни животни вредности. Дефиниран систем на функционирање, правилна работа, како и интегритет и кредибилитет во работењето се основните начела за кои се залага овој клуб. Со организација на стручната работа РК „Алкалоид“ ќе се стреми да им овозможи на играчите квалитетен и напреден тренажен процес, со цел нивно натамошно развивање и градење како врвни ракометари, кои ќе ги вложуваат своето знаење, искуството и позитивните вредности во македонскиот ракомет.
Тимот претстојната сезона ќе се натпреварува во Првата лига, а во следниот период се очекува промоција на стручниот штаб и на уште нови играчи што ќе го носат дресот на Алкалоид.