Можеби единствен ракометар во Европа кој цело лето го посвети на националниот дрес и немаше ниту ден одмор по крајот на сезона е Александар Петковски.
Тој по завршувањето на сезона со Металург РА, веднаш ги почна подготовките со репрезентацијата за Медитеранските игри, играше и во Алжир на сите шест меча.
Потоа веднаш се приклучи на подготовките на младинската селекција за ЕХФ шампионатот во Варна, каде одигра шест натпревари.
По настапите за младинците, Петковски повторно мораше во акција и беше дел од кадетската селекција, со која стигна до златниот медал на ЕХФ шампионатот.
„Знаев дека мора да играм на сите натпревари, иако се плашев за моето здравје. На крајот за да дојдеме до успехот, мораше да биде тешко. Целата екипа и стручниот штаб беа крај нас играчите кога и да ни беше потребно и имаа разбирање“, вели Петковски.
Тој откри дека финалето беше најтешкиот натпревар, бидејќи беше на „се или ништо“.
“Финалето беше најтежок натпревар. Сите ги одигравме солидно, имавме добра разлика и селекторот имаше простор да нè ротира повеќе. Во финалето влеговме како дебитант, како генерација немаме играно ваков важен натпревар. Можам да кажам дека финалниот меч беше меѓу најслабите наши претстави, меѓутоа Бог беше со нас. Верувавме сите во пресвртот и тренерот тоа ни го зборуваше дури и кога губевме. Тој не натера да веруваме, зборуваше дека ќе го освоиме трофејот и така се случи. Многу сум среќен што оваа генерација ќе има можност да се развива на големи натпреварувања, на Европско и Светско првенство“, изјави Петковски.