Еден од најголемите таленти во Данска, Мадс Хоксер, кој на почетокот на новата сезона пристигна во Алборг, по само осум одиграни натпревари доби продолжување на договорот.
Младиот ракометар при пристигнувањето во Алборг потпиша тригодишен договор и требаше да го носи дресот на богатиот проект до 2025 година.
Сепак, поради добрите настапи си доби продолжување на договорот на уште една година, односно до 2026, па така Алборг ќе може да смета на неговите услуги на долгорочен период.
Спортскиот директор на Алборг, Јан Ларсен за данските медиуми изјави дека Хоксер ќе има голема кариера.
,,Мадс навистина нè маѓепса, а од првиот ден со својот професионален однос и пристап покажа зошто важи за еден од најголемите дански таленти на десната бековска позиција. Пред него претстои светла иднина”, изјави Ларсен.
Десниот бек во екипата на Алборг пристигна од редовите на Морс. 21-годишниот ракометар пред извесен период доби повик за настап во сениорската репрезентација на Данска и ќе има можност своите квалитети да ги покаже кај селекторот Николај Јакобсен.