Екипата на Алборг преку социјалните мрежи објави дека ја продолжува соработката со двајца клучни ракометари. Станува збор за искусниот ракометар, десното крило Кристијан Бјорнсен, кој ги засили редовите на Алборг во минатата сезона и левото крило Себастијан Бартолд.
Двајцата ракометари од Норвешка со раководството на клубот ја продолжија соработката до 2025 година. Бјорнсен во минатата сезона во дресот на Алборг постигна 73 погодоци во Лигата на шампионите, со што беше меѓу најдобрите стрелци во данскиот тим.
Бартолд во Алборг пристигна во текот на 2017 година, забележувајќи 234 настапи за клубот и постигнувајќи над 800 голови. Претходните договори на Бјорнсен и Бартолд беа со важност до 2024 година.
Алборг во новата сезона ќе биде посилен со ракометната ѕвезда Микел Хансен. Ракометарите на Алборг во Лигата на шампионите ќе играат во група Б заедно со екипите на ПИК Сегед, Барселона, Целје, Келце, Кил, Нант и Елверум.