Словенечката ракометна федерација го избра Урош Зорман за нов селектор, но се уште е неизвесно дали ќе добие дозвола истовремено да го води тимот на Тримо Требње, актуелниот словенечки вицепрвак. Доколку селекторувањето треба да биде единствената функција и работа за Зорман, тогаш на клупата на Требње би можел да седне Македонец. Веќе се направени првите контакти меѓу управата на словенчкиот клуб и Радослав Стојановиќ.
Поранешниот македонски репрезентативец Радослав Стојановиќ кој своевремено играше во Словенија во екипите на Голд Клуб, Требње и Горење веќе бил на разговори со Словенија, и е меѓу сериозните кандидати за превземање на клупата на Тримо. Сепак останува прво да заврши сезоната во Словенија, иако поважно е одлуката на федерацијата за ангажирањето на Зорман во репрезентацијата.
Радослав Стојановиќ во моментов е тренер на Охрид, и во јуни му завршува договорот со клубот. Со екипата игра во плејофот за титулата, но ќе има тешка задача, но не и невозможна да обезбеди место во европските купови. На полусезона клубот го позајми Стефан Додиќ во Вардар, па охриѓани ослабени ќе се борат за едно од првите четири места.
Стојановиќ имаше добра репутација во Словенија кога беше играч, а сега може да добие и шанса да се покаже и како тренер. Во Металург 2 ја почна тренерската кариера, па продолжи во Охрид. Во меѓувреме беше назначен за тренер на кадетската репрезентација на Македонија. Во сезоната 2019/2020 пред да почнат проблемите со короната во регуларниот дел од сезоната во домашното првенство беше првопласиран на табелата. Но, таа сезона немаше прогласено првак и за пласман во Европа беа земени предвид резултатите од претходната сезона.
Годинава во Требње играат и нашите Тоше Ончев и Милан Лазаревски, се бори за титулата во Словенија, што би била прва во клупската историја. Словенечкиот тим во последното коло играше нерешено со Шмартно, па ќе му биде потешко да биде шампион. Треба да го победи Целје, но и да чека негов кикс, што веројатно е доста потешко.