Тренерот на најдобриот тим во Унгарија, Ѓер, Габор Дани за унгарските медиуми говореше околу тоа како би требало да се финишира сезоната во Лигата на шампионите.
Тој има свое размислување како најдобро би можело да бидат одиграни сите средби односно прво да биде одиграно четвртфиналето, а потоа и завршниот турнир.
„Одлуката за крај на првенството и Купот на Унгарија беше добра и разумна иако сметам дека Ѓер ќе беше победник и во двете натпреварувања. Сепак, денес има многу поважни работи од продолжението на првнството“, вели Дани.
Во однос на четвртфиналните сребди во ЛШ кои се предвидени за јуни вели дека е најдобро да се одложат бидејќи веќе е доцна за да може да се подготват навреме.
„Веќе петта недела како моите ракометарки се на индивидуален тренинг. Не можам целосно да го распуштам тимот додека конечно не стане јасна ситуцијата со четвртфиналето од Лигата на шампионите. Ако ЕХФ одеднаш ги одобри датумите на натпреварите на почетокот на јуни тогаш нема да бидам среќен. Ќе биде премногу доцна“, вели Дани.
Тој има свој предлог сезоната да заврши во септември пред да почне новата во Лигата на шампионите, но дали така ќе размислуваат и во ЕХФ ќе се види наскоро.
„Што се однесува до плановите за одигрување на последниот дел од Лигата на шампионите почетокот на септември е многу подобра опција отколку да се одржи на крајот од декември како машкиот турнир. Замислете дека го имаме унгарското првенство, новата Лига на шампионите… Сепак, треба да размислиме за последните натпревари. Постојат многу прашања во врска со септември, но оваа опција е многу подобра“, изјави тренерот на Ѓер.
Ѓер во четвртфиналето од Лигата на шампионите треба да игра против ЧСМ Букурешт.