Лидерот на ПСЖ и репрезентацијата на Франција, Никола Карабатиќ е еден од најдобрите играчи во историјата на ракометот. Тој има 36 години но и понатаму игра во врвна форма и нема намера наскоро да ја заврши кариерата.
Во интервју за lnh.fr зборуваше за моментите додека е на терен, неговите освоени титули и плановите за во иднина.
„Кога сум на теренот не размислувам за моите достигнувања, не бркам титули. Подоцна кога ќе ги погледнам бројките сфаќам колку далеку стигнав. Сите спортисти се исти, желбата за натпревар е моторот на кариерата на секој спортист. Секогаш сакав да оставам белег во спортот. Знам дека 65 титули со клубовите и репрезентацијата се многу, но ова не е личен успех. Без колегите од екипите не можеме да успееме. Секогаш сакам да помогнам на соиграчите, а конечните резултати ќе ги сумирам по крајот на кариерата. Засега не размислувам за крај на кариерата, имам договор до 2022 година и не си поставувам ограничувања. Доколку телото функционира и постои желба за играње зошто да престанам?“ беа зборовите на Карабатиќ.
Тој со екипата на ПСЖ ќе има можност да се бори за нова титула во Лигата на шампионите на завршниот турнир кој ќе се одржи на крајот на годината.