По 176 одиграни натпревари, заврши групната фаза од Лигата на шампионите. Во март ќе се играат осминафиналните двобои, а меѓу најдобрите 16 има седум поранешни европски шампиони и два дебитанти, Порто и Динамо Букурешт.
Беа постигнати повеќе од 10.000 погодоци, а од нив најголем процент се постигнати од Барселона. Шпанскиот гигант заедно со ПИК Сегед ја имаат и најдобрата одбрана по групната фаза.
Ракометарите на Вардар, иако со големи проблеми, вакви или онакви, се пласираа во ТОП 16 и имаат шанса да стигнат до нов настап на завршниот турнир. Пречките се унгарски – ПИК Сегед и Веспрем.
Ако лани беше чудо пласманот во Келн, а потоа и освојувањето на титулата, сега на вардарци ќе им биде потребно уште поголемо чудо да се најдат во Келн и да станат првиот тим во историјата што ја одбранил титулата откако се игра Ф4.
Но шансите никој не смее да им ги одземе.
Европската ракометна федерација направи анализа на групната фаза и има неколку интересни факти:
0 – ниту еден клуб ја нема одбрането титулата во ЛШ, откако е воведен форматот со завршниот турнир. Вардар се уште ја има таа шанса.
1 – еден играч го има одбрането трофејот во ЛШ откако е воведен форматот со завршен турнир. Тоа е вардарецот Иван Чупиќ, кој откако со Келце освои титула во 2016, а следната година и со Вардар.
7 – седум поранешни европски шампиони, се уште се дел од трката за трофејот во 2020 година – Барса, Кил, Вардар, Монпелје, Целје, Фленсбург и Келце.
7- седум од осумте четвртфиналисти лани, сега се дел од осминафиналето – Вардар, Веспрем, Барселона, ПСЖ, Келце, Фленсбург и ПИК Сегед.
17 – 17 од 176 натпревари во групната фаза меѓу кои и баражите за осминафинале завршија нерешено, а меѓу нив и дуелот на Вардар и Келце.
Сите останати интересни факти од анализата на групната фаза во Лигата на шампионите оваа сезона може да ги прочитате на следниот ЛИНК.