Под знак прашалник е одржувањето на Европското првенство за жени, кое треба да биде на програмата од 3 до 20 декември во Норвешка и Данска.
Првиот човек на данската федерација, Пер Бертелсен, за тамошните медиуми изјави дека „натпреварувањето мора да има финансиска смисла“, а ако читате меѓу редови тоа значи дека Данците не сакаат да бидат организатори доколку не биде дозволено натпреварите да се играат со присуство на публика.
Тоа е многу веројатно со оглед на ситуацијата во светот во екот на пандемијата со коронавирусот. Данците бараат и финансиска гаранција од ЕХФ.
„Ако не добиеме гаранција, некоја друга држава каде што трошоците за организација не се толку високи, сигурно ќе сака да биде домаќин“, вели Бетелсен.
Норвежаните неодамна најавија предлог сите мечеви да се играат во еден град, но ако ситуацијата не се промени во следните месец или два, тешко е за очекување дека било какво сценарио ќе биде прифатливо.