Европската ракометна федерација иако првично го закажа завршниот турнир во Лигата на шампионите за 22 и 23 август, сепак тој ќе се одржи на 28 и 29 декември.
Доколку дозволат условите, најдобрите четири екипи по групната фаза – Веспрем, Кил, ПСЖ и Барселона ќе се појават во „Ланксес Арена“ во Келн.
Претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер во изјава за „Немзети Спорт“ истакна дека нема да се одржи завршниот турнир, ако има забрана за гледачи.
„Не е можна таква варијанта. Ниту ЕХФ, ниту клубовите, не сакаат да се играат натпревари без гледачи, уште повеќе што тоа ќе предизвика дополнителни трошоци што нема да може да бидат покриени од продажба на билети“, вели Видерер.
Завршниот турнир во женската Лига на шампиони останува во Будимпешта, во првично најавениот термин – 7 и 8 септември.