Mедиа тимот на Европската ракометна федерација го најави учеството на женската репрезентација на претстојното ЕП, на кое Македонија заедно со Црна Гора и Словенија ќе биде домаќин.
Селекторот Љубомир Савевски има селекција што е една од најмладите на континенталниот собир, но желна за докажување.
„Македонија, една од најнеискусните репрезентации на ЕП, ќе има за цел да се пласира во главната рунда за прв пат од 2008 година, но има дефинитивно планина за искачување, откако се повредија неколку искусни ракометарки. Згора на се, ниту ждрепката не беше добра, ќе игра во групата Ц против актуелниот олимписки првак Франција, поранешниот светски првак Холандија и искусниот тим на Романија“, се вели во сторијата.
Македонската женска репрезентација на Европските првенства има скор од седум победи, три реми и 17 порази, и станува збор за селекција за трета репрезентација со најмал број на победи.
Десното крило Сара Ристовска е во центарот на вниманието и се очекува да биде носител на играта.
„Сара е крило што промашува ретко, секогаш ја има должноста за пенали, ја добива топката во тешки ситуации, бидејќи знае да го реши нападот без разлика колку сложено изгледа сето тоа“, се вели во објавата на ЕХФ.
Македонија е во група со Романија, Холандија и Франција, а првиот меч го има против Франција на 5 ноември во СЦ „Борис Трајковски“ од 18:00 часот.