„Ако има уште едно вакво ЕП – сите ќе полудиме“

Репрезентацијата на Данска го освои бронзениот медал на Европското првенство во Унгарија и Словачка, откако славеше против Франција по продолженија со 32:35. Данците иако беа без првата ѕвезда Микел Хансен, кој е повреден, а во текот на мечот останаа и без Гидсел, сепак на крај стигнаа до бронза.

Ова е голем успех за ракометарите на Данска бидејќи осум години чекаа повторно да земат медал на Европското првенство. Данците последен пат на ЕП освоија медал (сребрен) во 2014 година кога беа домаќини.

Селекторот на Данска, Николај Јакобсен на прес-конференцијата за медиумите во Будимпешта ги сподели своите впечатоци после добиената битка против актуелниот олимписки шампион.

„Благодарност до француската репрезентација и навивачите за придонесот и за фантастичниот натпревар. Имавме одличен голман, добра одбрана, денеска се боревме како луди. За жал, на самиот почеток бевме ослабени од повредата на Гидсел, но успеавме. Јас сум горд на тоа. За една година освоивме три медали. Секако, омилено ми е златото од Египет, а среброто од Токио ми е подраго од оваа бронза, што исто така ми значи многу. Oваа година бевме заедно вкупно четири месеци во неверојатно тешки услови. Овој турнир беше врв, бевме целосно ограничени. Не смеевме да се движиме од хотелските соби, полудевме во хотелот. Во првиот хотел каде што бевме на ова првенство, воопшто не бевме изолирани од останатите гости. Моравме сами да се грижиме за се, дури и за работите кои не треба да бидат под наша контрола“, изјави Јакобсен.

Искусниот стратег на Данска се надева дека ова ЕП ќе биде последно што ќе биде организирано во вакви тешки услови поради ситуацијата со Ковид-19.

„Овој месец беше најдолгиот месец во мојот живот. Кога немаше натпревари и тренинзи, на сите ни беше многу досадно во собите. За доброто на сите репрезентации, играчи, навивачи, јас се надевам дека ова е последно вакво првенство, бидејќи во спротивно сите ќе полудиме. Веќе не може вака! Горд сум на нас и на Французите, како и на ракометот како спорт, што успеавме да го поминеме ова во невозможни услови“, заврши Јакобсен.

Денешниот освоен медал е седми од Европските првенства за Данска и четврта бронза, а колекцијата на медали е надополнета со два златни медали освоени во 2008 и 2012 година и сребрен медал во 2014 година.