Европската ракометна федерација денеска уште еднаш ги потврди рангирањата на екипите во европските купови пред утрешната ждрепка. Во Лигата на Европа, Македонија ќе има два претставника – поранешниот шампион Вардар и вицепрвакот Алкалоид.
Тимот од Автокоманда има директно место во групната фаза и ќе биде рангиран во вториот шешир пред ждрепката. Вардар ќе игра во квалификациското коло и за можни ривали ги има Рајн Некар, Брага, Гранољерс, Иштад и Фади Винтертур.
Во квалификациите не постои заштита, па клубови од иста држава може да играат меѓусебе, но не е така во групната фаза.
Ако „црвено-црниот“ состав го мине ривалот што ќе го добие утре, тогаш сосема сигурно нема да биде во иста група со Алкалоид и тоа значи дека во Скопје би гостувале шест различни екипи.
Ждрепката за квалификациите во второто по ранг европско клупско натпреварување, по која Вардар ќе го дознае ривалот е утре во Виена од 11:00 часот.