Екипата на Аеродром на свој терен оствари висока победа против Астраион со 36:18, во натпревар од последното коло од регуларниот дел во Првата машка лига. Со победата над Астраион, ракометарите на Аеродром ја презедоа 4. позиција на табелата во групата Б.
Избраниците на Дарко Петровски имаа лесна задача во денешниот натпревар и веќе во првото полувреме ја обезбедија победата. Гостите од Струмица одиграа лошо во првиот дел и за 15 минути игра постигнаа само два гола во мрежата на домаќинот.
По нерешениот резултат од 2:2, Аеродром направи одлична серија од 8:2 и при крајот на првата половина од првиот дел поведе со 10:2. Овие осум гола предност беа сосема доволни за домаќините да ја диктираат играта и во ниту еден момент од натпреварот не дозволија опуштање во своите редови. Водството на Аеродром растеше од минута во минута, а на пауза домашната екипа имаше капитал од 14 гола предност, 20:6.
Во второто полувреме, кое беше само формалност и лесен тренинг за Аеродром, гостинската екипа не успеа да ја преполови резултатската негатива. Струмичани сѐ почесто правеа грешки во второто полувреме и му дозволуваа на противникот да постигнува лесни погодоци.
Најефикасни во составот на Аеродром беа Дамјан Димитријевски, Бојан Шумоски и Осман Намик со по пет постигнати погодоци. Листата на стрелци кај Астраион беше предводена од Марко и Васко Стојанови, кои исто така постигнаа по пет погодоци.
Аеродром со биланс од 11 победи, едно реми и шест порази, обезбеди учество во плеј-оф фазата во Првата лига. Астраион во продолжението од сезоната ќе игра во плеј-аут групата во прволигашкото друштво.