Аеродром не го дава врвот, му се одмазди на Голден Арт 2

Екипата на Аеродром, која во минатата сезона играше бараж за пласман во Суперлигата, продолжува со одлините партии во прволигашкото друштво и во натпревар од 12. коло го совлада Голден Арт 2, со резултат 28:27. Првиот меѓусебен дуел меѓу двете екипи заврши со победа на Голден Арт 2 од 36:33.

Аеродром со новите освоени бода останува на лидерското место во групата А. Тимот на Дарко Петровски, кој во претходното коло го совлада директниот конкурент за првата позиција, Драчево, сега има 25 бода на свое конто, три повеќе од Драчево, односно седум бода повеќе од Голден Арт 2 и Металург РА.

По израмнетиот почеток во воведниот дел и по нерешените 4:4, гостите од Аеродром со два гола во низа се одлепија на 6:4 и до крајот на првото полувреме беа во резултатска предност, која на моменти изнесуваше и пет гола разлика. Ракометарите на Аеродром предводени од Митревски и Трифуновски имаа повеќе од играта кон средината на првото полувреме, ги казнуваа грешките на противникот и во 15 минута дојдоа до водство од 10:5.

Како одминуваше времето домаќинот се почесто фаќаше залет и во моментите кога требаше целосно да се врати во игра, недостасуваше лидер, кој требаше да ја преземе одговорноста во свои раце. Аеродром имаше контрола на резултатот, но во последните десет минути од првиот дел се опушти и му дозволи на Голден Арт 2 да направи камбек. Тимот на Глигоров заостануваше на гол негатива во финишот од првото полувреме, а по 30 минути игра резултатот беше 15:13 во корист за гостинскиот тим.

Продолжението на натпреварот донесе неизвесност и голема борба на двете страни на теренот. Голден Арт 2 за само неколку минути игра го израмни резултатот на 16:16. Во неколку наврати, голманот на Аеродром, Марко Богдановски со неколку интервенции спречи домаќинот да направи комплетен пресврт. По нерешените 17:17, гостите со серија од 3:0 направија исчекор, се одлепија на 20:17 и беа по конкретни во однос на домашниот тим, кој во 48 минута со голот на Милески дојде до минус еден, 21:20.

Аеродром во последните десет минути влезе со предност од 22:20, набрзина дојде и до ,,плус три” 24:21 и кога требаше да ја осигура победата домаќинот повторно дојде во ситуација да се бори за бодови. Откако беше 27:26, на речиси десет секунди пред крајот, Пајкоски со гол од пенал зголеми на 28:26, додека најефикасниот во домашниот табор, Џигероски намали за конечни 28:27.

Најефикасни во победничката екипа беа Филип Пајкоски и Виктор Трифуновски со седум погодоци. Во поразениот табор прв стрелец беше Немања Џигероски со девет реализации. Голманот на Аеродром, Марко Богдановски натпреварот го заврши со 14 интервенции.