Екипата на Аеродром, која во изминатата сезона играше бараж за пласман во Суперлигата, во новата натпреварувачка сезона во Првата лига успеа да обезбеди висок триумф против Астраион со 37:22 (18:9), во натпревар од првото коло од групата Б.
Домашната екипа иако во првите петнаесетина минути беше во минимално водство, гостите од Скопје преку разиграниот Пејковски и со добрата одбрана во последниот период од првиот дел ја запишаа денешната победа. По нерешените 4:4, избраниците на Дарко Петровски со серија од 4:0 се одлепија на 8:4 и до крајот на првото полувреме ја диктираа играта на терен.
Астраион не успеа да ја подобри играта и во последните десет минути целосно сѐ предаде. Аеродром започна да гради сериозна резултатска предност и за речиси 15 минути успеа да постигне 14 погодоци и на пауза замина со убедливо водство од девет гола разлика, 18:9.
Во вториот дел поставите на теренот се измешаа, но тоа многу не го промени резултатот. Избраниците на Петровски на својот противник не му дозволуваа ни најмал простор за напредок во играта, па така на стартот од второто полувреме дојдоа до 23:12 и до крајот рутински ја завршија својата задача.
Најефикасен во победничката екипа беше Илија Пејковски со десет погодоци. Во поразениот табор се истакнаа Марко Стојанов, Христијан Ефтимов и Александар Цонев со по четири гола.
Во следното, второ коло, Аеродром ќе гостува кај Драчево, додека Астраион силите ќе ги одмери со вториот тим на Голден Арт.