Аеродром во акција, почна со подготовки и со суперлигашки мисли

Екипата на Аеродром стартуваше со подготовките за пролетниот дел од сезоната во плеј-оф групата од Првата машка лига.

Ракометарите кои се во план за вториот дел од сезоната се најдоа на првиот тренинг и веќе почнуваат со работа така што паузата е готова и сега мора да се даде максимумот во сезоната која ќе трае до почетокот на јуни.

Сите во клубот се активни за остварување на целите кои сега се пораснати за разлика од минатите сезони.

Веќе стартуваа подготовките и се прави сè да се обезбедат колку може подобри услови и ракометарите што е можно подобро да се подготват за натпреварите кои ќе следуваат во плеј-оф лигата каде секој бод ќе биде максимално важен.

Во пролетниот дел екипата има нов тренер. Ракометарите ќе бидат предводени од Благојче Весиќ, додека досегашниот тренер, Дарко Петровски продолжува со извршување само на претседателската функција и во иднина ќе се посвети на таа работа.

Аеродром веќе неколку години е дел од Првата лига, но сега амбициите пораснаа, па веќе се размислува за многу повеќе односно за ранг повисоко. Целта е пласман во Супер лигата, а доколку не се успее сезонава во следната ќе се оди уште посилно да се оствари зацртаното.