Ракометарите на Аеродром ја запишаа четвртата победа во шестиот натпревар од прволигашката конкуренција, откако на домашен терен славеа со убедливи 40 гола разлика против Борец, 55-15.
Велешани поведоа само на стартот со 1-0, а потоа на теренот играа само избраниците на Дарко Петровски. Најпрво направија пресврт со четири гола и водеа со 4-1, а до крајот на полувремето примија уште шест, а постигнаа дури 26.
Веќе беше јасно која екипа ќе ги освои бодовите, па до крајот на натпреварот само се броеја погодоците во мрежата на гостите од Велес. Илија Пејковски од Аеродром поради три исклучувања доби црвен картон на стартот на вториот дел, но тоа ништо не промени на теренот во однос на силите.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Борче Трпески со десет и Александар Мирчески со седум погодоци, додека кај Борец, Антонио Јаневски беше стрелец на десет гола од 15 колку што постигнаа велешани.