Еден од ривалите на Македонија на претстојниот континентален шампионат, домаќинот Австрија, ја одигра првата контролна средба во рамките на ЕХФ неделата.
Избраниците на Алеш Пајовиќ славеа над селекцијата на Србија со 32-30. Во првиот дел домашните ракометари најчесто ја имаа предноста и го диктираа темпото, иако Цупара ги одржуваше во игра момците на Ненад Перуничиќ. На пауза се замина со водство за Австрија со 18-16.
Во второто полувреме Австријците го засилија темпото. Најчесто реализираше бековската линија, а гостинската одбрана немаше решение. Австрија се одлепи на 28-25, а пред крајот беше и 31-27. Илиќ ја врати Србија на минус еден, 31-30.
Сепак немаше време за нешто повеќе, па Билик стави точка на мечот со голот за 32-30. Најдобри стрелци беа Божовиќ, Билик и Пош со по пет голови, додека Фримел и Вагнер дадоа по три. Кај Србите се истакнаа Радивојевиќ со пет и Марсениќ со четири погодоци.