Австрија во драматичен натпревар успеа да го добие првиот дуел од бараж двомечот против Естонија за место на Светското првенство 2023, со резултат 35:33. Реванш натпреварот меѓу двете репрезентации ќе се одигра на 20 март во Талин.
Репрезентацијата на Естонија во текот на првото полувреме, со исклучок на првите седум минути, во кои двете репрезентации играа во егал, во останатиот дел од првите 30. минути покажа одлична игра против фаворизираниот состав на Австрија. По нерешениот резултат од 4:4, ракометарите на Естонија со серија од 2:0 се одлепија на плус два, 6:4, и до крајот на првото полувреме беа во водство.
Естонија во еден момент имаше највисоко водство од пет гола разлика, 11:6. Во домашниот табор, Вагнер, со своите погодоци ја одржуваше Австрија во игра, но на спротивната страна, Јанима и Карл, беа незадржливи на теренот. По големиит пад во играта на гостите, домаќините направија камбек, израмнија на 15:15 и целосно се вратија во игра. На полувреме резултатот беше 16:15 во корист за Естонија.
Домаќините во второто полувреме, односно во 36. минута дојдоа до посакуваното водство од 20:19, а минута подоцна, Австрија зголеми на плус два, 21:19. Во текот на 45. минута резултатот беше 27:24 за Австрија, која можеше да има мирна завршница, но дозволи противникот во завршниот дел да се врати во игра.
Естонците во 55. минута израмнија на 31:31 и до самиот крај беа во игра за победа или реми. На речиси две минути пред крајот резултатот беше 33:33. Австрија постигна погодок за 34:33, додека Естонија во следните два напади не успеа да дојде до реализација. Победата ја завери Никола Стевановиќ за конечен резултат од 35:33.
Најефикасен во редовите на Австрија беше Тобијас Вагнер со девет погодоци. Кај Естонија листата на стрелци ја предводеше Том Карл со седум и Денер Јанима со шест погодоци.