Машката сениорска ракометна репрезентација на Србија ќе биде дел од престојното СП на кое домаќини од 11 до 29 јануари ќе бидат Полска и Шведска. Избраниците на шпанскиот стратег Гирона ќе бидат дел од групата Е каде ќе ги одмерат силите против поранешниот Олимписки, Светски и Европски шампион Германија, Катар и Алжир.
Еден од ракометарите кој во секое време е подготвен да застане на последната одбранбена линија на својата репрезентација е Илија Абутовиќ. Поранешниот вардарец по неколкуте исцрпувачки сезони во најсилната ракометна лига на светот Бундеслигата, се пресели во Франција каде во тимот на Шарт многу помирно ги одработува предизвиците на ракометниот терен.
Најважно од се е дека е здрав и подготвен да и помогне на својата репрезентација. Во интервју за Спортски Журнал популарниот Ико вели дека многу добро ја осетил разликата помеѓу Бундеслигата и Француската ракометна лига.
„Има голема разлика. Играв во двете лиги и можам да кажам дека германската е многу понапорна за играње. Бев четири години, а како да беа десет. Во Германија сите се преспремни, трчаат, додека во Франција е малку поинаку, има доста шпански тренери, тактика, надигрување“, вели Абутовиќ.
Во однос на престојниот настап на СП, Абутовиќ смета дека најважно од се е тој и неговите соиграчи да бидат здрави и комплетни да го дочекаат настапот во Полска. Не е голема тајна дека Германија ќе биде главниот конкурент за пласман на првата позиција во групата Е. И покрај тоа што панцирите ќе бидат подмладени, тоа е ракометна нација која секогаш се бори за врвот.
„Гисласон ги повика сите играчи кои имаа одлична сезона, ракометарите кои беа лидери на своите екипи и тоа се екипи од самиот врв на Бундеслигата. Плус имаат одлично голманско дуо Волф и Бирлем како и три одлични пивоти во имињата на Гол, Колбахер и Зехел. Не смееме да се опуштиме во ниту еден момент“, продолжи Абутовиќ.
Во регионот секогаш пред големите натпреварувања се поставува прашањето како да се направи баланс помеѓу големите очекувања на јавноста и реалните можности на тимот.
„Јавноста има право на свои очекувања, а реалноста ќе ја видиме на крајот. Не сакам пред време да коментирам што можеме а што не па после два натпревари да биде -што направија. Фудбалерите ја доживеаа таа судбина. Би сакам мирно да отпатуваме на СП. Имаме добри ракометари, добра група, па дури и онаа група со која вкрстуваме. Може да биде убава приказна ова СП, треба само да бидеме паметни и добро да ја искористиме дадената можност. Секогаш е цел главната фаза“, заврши оптимистички Абутовиќ.