🎥 Темелкоски и ПАОК едвај извлекоа „жива глава“ во Атина – екс пелистерци во клинч!

Тимот на АЕК Атина славеше во четвртфиналниот натпревар против ПАОК на Евгениј Темелкоски со минимални 26-25 и обезбеди место на Ф4.

ПАОК му пружи силен отпор на ѕвездениот тим на АЕК Атина со Ивиќ, Дуарте, Шмит, Кун, Кеита…и домаќините едвај стигнаа до триумфот со гол во последните моменти.

По мечот домашни навивачи влетаа на теренот во обид да се пресметаат со ракометарите на ПАОК.

Од тимот од Солун по мечот со соопштение реагираа на судиските одлуки, но и на односот на домашниот тим, кој токму поради ова е суспендиран од ЕХФ за минатите инциденти.

„ПАОК на најкатегоричен начин ги осудува срамните и опасни настани што се случија во четвртфиналето на Купот помеѓу АЕК и ПАОК. Условите и на теренот и на трибините беа неприфатливи, со целосно непочитување на сите пропишани безбедносни мерки. Неколку секунди по завршувањето на натпреварот, навивачи упаднаа на теренот, исклучително сериозен, опасен и апсолутно осудувачки настан, кој ги разоткрива организаторите и одговорните за редот. Во исто време, имаше вербален инцидент и напад на нашиот играч Јоргос Папавасилис, како и службените лица на ПАОК, без никаква суштинска интервенција или заштита. Судењето беше скандалозно лошо и апсолутно одлучувачко за конечниот резултат. Казните од две минути беа применети само на штета на ПАОК, додека за да се казни противникот, мораше да се искинат дресови и да се пукнат носеви. ПАОК доби четири казни од две минути кои беа чиста измислица, одлуки кои директно го изменија развојот и исходот на натпреварот. ПАОК бара Федерацијата да престане да биде нема на ова. Молчењето и толеранцијата мора да престанат. Очекуваме јасен и јавен став за сите горенаведени жалби и изрекување на пропишаните казни за нелегалните дејствија што се случија“, се вели во соопштението на ПАОК.

Екс голманот на Пелистер, Работник, Тиквеш, Игор Арсиќ блескаше меѓу стативите на ПАОК, додека Темелкоски беше стрелец на еден погодок во мрежата на АЕК. И тој по завршувањето беше нападнат од Вилсон Дејвис.

Португалскиот среден бек во финишот на мечот беше во двобој со уште еден екс пелистерец – Мохамед Мамду.