Македонскиот вицепрвак Вардар запиша уште една победа во рамки на домашниот шампионат, совладувајќи го тимот на Бутел Скопје со 36-30.
Атмосферата во соблекувалната по мечот беше дополнително збогатена со специјален гостин – еден од најомилените вардарци од златната ера, Данил Шишкарев.
Легендарното руско крило, кое со Вардар освои две европски титули во Лигата на шампионите, го посети клубот и им ја честита победата на сегашните „црвено-црни“ ракометари. Тој е во Скопје како гостин за ревијалниот натпревар во организација на Спортско Радио 90,3 по повод нивниот 20 роденден.
„Овде ми се будат убави спомени. Вардар ми е во срцето. Деновите поминати овде никогаш нема да ги заборавам. Навивам сега за тренерот Чупиќ и за вас“ изјави емотивниот Шишкарев.
Враќањето на Шишкарев во „Јане Сандански“ предизвика големи емоции меѓу навивачите и играчите, кои со топлина го дочекаа својот поранешен соиграч и еден од симболите на најуспешните години во историјата на клубот.
По заминувањето од Вардар, Шишкарев играше за Веспрем и Чеховски Медведи по една сезона, а од 2022 година е член на ЦСКА Москва.

























