Легендарниот хрватски стратег Лино Червар, еден од најголемите тренери во историјата на европскиот ракомет, ќе биде специјален гостин и дел од ревијалниот спектакл „All-Star Ракомет: Легендите на сцена“, кој на 29 октомври ќе се одржи во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, во организација на Спортско радио 90.3 ФМ.
Во видео порака што ја испрати до организаторите и публиката, Червар со емоции зборуваше за своето враќање во Македонија:
„Многу сум среќен што повторно ќе бидам во мојата Македонија. Тоа е земја која ја чувствувам како своја – со луѓе полни со емоции, срце и љубов кон ракометот. Им честитам на Спортско радио 90.3 за 20 години работа и ми е голема чест што ќе бидам дел од овој настан. Едвај чекам повторно да ги видам сите мои пријатели, играчи и навивачи кои го направија македонскиот ракомет посебен.“
Лино Червар остави длабока трага во македонскиот спорт како тренер на Металург, клуб со кој создаде генерација што испиша историја. Под негово водство, тимот од Автокоманда стигна до четвртфиналето на Лигата на шампионите (2014 и 2015), а Македонија тогаш живееше за ракометот. Неговата харизма и посветеност засекогаш го врежаа неговото име меѓу најголемите што работеле на овие простори. Потоа кратко беше и селектор на Македонија пред да добие повик да се врати на клупата на Хрватска.
Во својата кариера, Червар има освоено златен медал на Олимписките игри во Атина 2004, светско злато во Португалија 2003, како и бројни европски медали со репрезентацијата на Хрватска. Познат по својата страст и интелигентен пристап кон ракометот, тој е еден од ретките тренери кои оставиле печат и во репрезентативниот и во клупскиот ракомет на највисоко ниво.
На спектаклот во Скопје, Червар ќе се најде во друштво на некои од најголемите имиња во историјата на ракометот – Веселин Вујовиќ, Арпад Штербик, Иван Чупиќ, Игор Карачиќ, Жоан Кањелас, Данил Шишкарев, Игор Вори, Страхиња Милиќ, Вуко Борозан, Ренато Вугринец, Жељко Муса, Горан Шпрем, Петар Ѓорѓиќ, Илија Абутовиќ, Златко Хорват, Мануел Штрлек и многу други ѕвезди што го обележаа златното време на македонскиот и европскиот ракомет.
Настанот е дел од прославата на 20 години Спортско радио 90.3 ФМ, кое наместо роденденска свеченост, реши на навивачите да им подари вистински ракометен празник.
🎟️ Билетите се веќе во продажба преку www.TicketX.com.mk, а поради огромниот интерес, организаторите најавуваат дека дел од категориите – особено оние веднаш до теренот – се веќе при крај.
КУПИ БИЛЕТ НА – https://ticketx.com.mk/events/legendite-na-scena-01