Словенија го совлада Катар со 38-30 во пријателски натпревар во Копер, но овој дуел ќе остане запаметен по инцидентот во вториот дел.
Катарскиот репрезентативец Франкис Марзо имаше неспортски потег кон Блаж Јанц, а тоа предизвика голема мешаница на теренот.
По еден дуел, Марзо падна на теренот, но кога стануваше го удри Јанц во меѓуножјето и Словенецот се струполи.
Во одбрана на Јанц се пуштија сите негови соиграчи, влетаа двете клупи на теренот и малку фалеше да дојде до голема физичка пресметка.
Селекторот на Катар, Веселин Вујовиќ не можеше да поверува што направи неговиот играч, кој доби син картон од судиите.
Словенците ќе играат пријателски натпревари со Алжир и Хрватска, додека Катарците ќе се сретнат со Алжир.