По поразот во Битола од Еурофарм Пелистер 2, тимот на Металург се врати на победничките патеки во Суперлигата. Избраниците на Оливер Димитриоски славеа на гостински терен кај Работнички со 26-31.
Тарабокија, Кондев и Хорват постигнаа голови за 0-3 водство по пет минути, а таа разлика беше одржувана во текот на целото прво полувреме, зголемена и на плус пет 9-14.
Упорните домаќини, успеаја во финишот на полувремето со три гола во серија да намалат на 12-14 и да најават интересен втор дел.
Во два наврати избраниците на Стојан Петрушевски успеаја да намалат на минус еден, но кога требаше да го направат завршниот чекор за враќање во мечот, не реализираа. Сите нивни грешки ги казнуваа ракометарите на Металург и на десетина минути до крајот кога беше 21-28, веќе беше јасно кој ќе ги освои бодовите на овој натпревар.
Во финишот на мечот, тренерот на гостите, Оливер Димитриоски им даде шанса на играчите со помала минутажа, па Работнички успеа да ја намали негативата до конечните минус пет, 26-31.
Најдобри стрелци кај Работнички беа Ончев со 12 погодоци и Крстевски со шест, додека кај Металург по шест дадоа Хорват и Додиќ.