Ѕвездата од Македонија блесна и во Романија

Ѕвездата од Светското кадетско првенство, кое се одржуваше минатата година во Скопје, 18-годишната Јулија Скалионе повторно имаше блескаво издание за данската селекција.

Скалионе со младинската репрезентација на својата татковина учествуваше на Европското првенство во Романија.

Данска исто како и на Светското првенство за кадетки стигна до финале и повторно не успеа да го освои златниот медал, откако беше убедливо поразена од Унгарија.

Сепак, од таборот на Данска утеха за поразот можат да најдат во индивидуалните признанија. Токму Скалионе, која освен за најдобар стрелец беше избрана и за најдобар лев бек пред една година во Скопје, ги доби истите две признанија и на младинскиот континентален собир.

Новата надеж на Данска на седум натпревари постигна вкупно 68 погодоци, додека на Светското првенство во Скопје беше стрелец на 62 погодоци.

Нејзините одлични настапи како најдобра ракометарка од својата репрезентација на кадетскиот Мундијал во Скопје беа причина да го продолжи договорот со Икаст до 2025 година. Минатата сезона во Лига на Европа постигна 33 погодоци и во претстојната сезона со својот тим ќе настапува во Лигата на шампионите.

Како најдобро лево крило на Европското првенство во Романија беше избрана колешката на Скалионе, Матилде Вестегард. Новата членка на Никобинг заедно со Скалионе беа предводнички во данската репрезентација.

Освен Скалионе, во ол-стар тимот се најде и Петра Симон, ракометарка која исто така беше избрана како најдобар лев бек во Скопје. Унгарската репрезентативка во Романија ја доби наградата и за најкорисен играч на Европското првенство, односно МВП.