Купските натпреварувања привршуваат за годинава која беше исполнета со многу проблеми и одложувања кои ги предизвика коронавирусот. Полека ракометарите се приклучуваат на своите репрезентции во пресрет на празниците и подготовките за светското првенство.
Репрезентациите на Шпанија и Хрватска ќе учествуваат на Мундијалот во Египет, а последните подготовки ќе ги имаат во рамки на натпреварите од Евро Купот. Овие ривали ќе одиграат два натпревари, од кои на втoриот кој ќе се игра во Мадрид се очекуваат 3.000 гледачи.
Натпреварот е закажан за 9 јануари во арената „WiZink“ во Мадрид која ги има спроведено сите стандарди за безбедна организација на настани. Со новата поставена вентилација во арената на секои 12 минути воздухот целосно се обновува со 100% чист воздух однадвор. Останатите протоколи се задолжително носење маска, мерење температура при влез и седење преку две празни седишта. Влезните врати ќе бидат оставени отворени за да се избегне контакт на навивачите преку отварање и затварење.
„Ќе бидеме претпазливи и ќе поставиме максимален број на гледачи според околностите. 3000 билети се веќе во продажба и дополнително ќе утврдиме дали ќе има кратење. Не правиме проценки за бројки туку ќе оставиме да видиме како ќе се одвива ситуацијата со пандемијата. Спортот треба да даде пример за одговорно однесување и ќе се обидеме да не предизвикаме ширење на вирусот“, рече директорот на арената во Мадрид, Мануел Сауцедо.
Неодамна во „WiZink“ арената во Мадрид се одржа музички концерт на кој присуствуваа околу 5.000 луѓе што е 30% од капацитетот и беше критикувано од јавноста. Овој притисок би можел да биде една од причините организаторот на натпреварот до 9 јануари да ги промени правилата и да го намали бројот на посетители на дуелот помеѓу Шпанија и Хрватска.