Шампион убедлив против Аеродром, станува интересно во борбата за врвот

Денес се одигра заостанатиот натпревар помеѓу Шампион и Аеродром во рамките од 4.коло од плеј-оф натпреварувањето во Првата лига, а на нова победа се радуваа ракометарите на Шампион кои славеа убедливо со 24:17. Овој натпревар беше одложен пред две недели, па така денес двете прволигашки екипи се бореа за нови бодови.

Иако Аеродром водеше на стартот, домашната екипа со серија од 4-0 успеа да го израмни резултатот и да направи водство од два разлика, 9:7. Со стабилна игра екипата на Шампион замина на полувреме со предност од 10:8.

Во второто полувреме, Шампион беше подобар противник на теренот и постојано ја зголемуваше својата разлика. Во 48. минута резултатот на семафорот беше 18:12 и јасно беше дека во последните десетина минути гостите тешко ќе се изборат за позитивен резултат.

Шампион само рутински го доврши мечот и успеа да слави убедливо со седум погодоци разлика. Во екипата на Шампион четворица ракометари се истакнаа со четири гола, Давид Даев, Стефан Кочаров, Мартин Стоилковски и Марио Миланов. Во екипата на Аеродром најефикасен беше Димитар Михајлов со шест гола.

На табелата Скопје има 13 бодови, Шампион 11, Металург РА 10, Аеродром 9, а Драчево 8 бодови.