Екипата на Чаир во својот последен натпревар пред домашната публика оствари рутинска победа против Стружанка, со резултат 32:28, во дуел од 13.коло во плеј-оф фазата во Женската лига.
Избраничките на Басри Љатифи имаа солидна сезона и со новите бодови го обезбедија 5 место на табелата во плеј-оф натпреварувањето.
Ракометарките на Стружанка парираа само во воведниот дел кога во неколку наврати имаа водство од еден-два гола разлика. По водството на Стружанка од 2:4, домашната екипа со серија од 3:0 поведе со 5:4 и во останатиот дел од натпреварот рутински ја контролираше својата предност. По 30 минути игра, резултатот беше 16:9 за Чаир.
Во второто полувреме дојде до мало опуштање во таборот на Чаир, но водството на домаќинките во ниту еден момент не беше загрозено бидејќи екипата на Стружанка немаше доволно сили за камбек во натпреварот.
Најефикасни во редовите на Чаир беа Теодора Дукоска и Биљана Дамчевска со по пет погодоци. Во Стружанка, Магдалена Делиоска беше единствено расположена со 13 погодоци.
Чаир во последното коло ќе гостува кај Вардар, додека Стружанка на свој терен ќе го пречека Пелистер.