Во балканското дерби на колото во Лигата на шампионите, Целје го угости Загреб и домаќините успеаја да стигнат до нов триумф 29:28 што беше трети оваа сезона.
Првото полувреме беше многу израмнето, Целје најчесто беше во водство но тоа беше минимално и Загреб веднаш се враќаше. Шарац и Крстиќ го отворија натпреварот за 2:0 на Целје, а Хрстиќ и Обрадовиќ се погрижија за нерешени 4:4 во 11. минута.
Во текот на првите 30 минути Загреб ниту еднаш не поведе, но и покрај тоа беше во игра. Целје имаше највисоко водство во 27. минута кога Грошељ погоди за 13:10, сепак на полувреме беше два разлика за домаќините 14:12.
Второто полувреме продолжи во ист ритам, Целје го диктираше резултатот и имаше највисоки пет предност. Во финишот Загреб се врати, но домаќинот успеа да стигне до победата. Најефикасен во составот на Целје беше Јосип Шарац со десет гола, додека во тимот на Загреб, Хрстиќ со шест гола беше прв стрелец.