Женската репрезентација на Македонија остана без пласман на Светското првенство во Шпанија по убедливите порази во бараж натпреварите против Романија.
Сепак, како утеха за репрезентацијата на Македонија може да биде лидерското место на Сара Ристовска која стана прв стрелец по завршувањето на сите квалификациски натпревари за мундијалот во Шпанија.
Ристовска со 39 гола стана најдобар стрелец пред второпласираната ракометарка на Украина, Лесиа Смолинг која запиша 33 гола. На третото место се најде ракометарката од Белорусија, Анастасија Кулак со 28 гола.
Десното крило на Македонија најмногу гола постигна против Исланд во претквалификациските натпревари, вкупно 11. Против Романија, Ристовска постигна вкупно 10 гола, осум на првиот и два на реванш натпреварот одигран во Скопје.