Годината што помина не беше исполнета со многу ракометни натпревари, без разлика дали се работеше за клупско или репрезентативно ниво. Причината е добро позната на сите – коронавирусот.
Стандардно започна со настапот на машката репрезентација на ЕП во јануари, на која не обезбедивме место во главната рунда и на крајот завршивме на 15 место. Тоа ни донесе место во втор шешир пред ждрепката за баражот за СП и ја добивме Франција, но бевме елиминирани на зелена маса поради добро познатите причини. Сега како прва резерва чекаме повик од ИХФ за настап на Мундијалот, што ќе биде тешко за верување. Но можеби Дедо Мраз ќе ни ја исполни таа желба кога стрелките на часовникот ќе се поклопат.
Женската сениорска репрезентација не одигра ниеден официјален натпревар, иако требаше да ги има четири од квалификациите за ЕП и три од квалификациите за бараж за СП. Оние за континенталниот собир што се одржа во Данска беа откажани, додека оние за СП ќе се играат од 17 до 19 март 2021 година во Скопје. Ривали ќе ни бидат Грција, Исланд и Литванија.
Во младинските категории, женските кадетска и младинска немаа место на СП во двете категории, а и онака беа откажани. Младинците требаше да играат на ЕХФ шампионатот во Летонија, додека кадетите требаше да играат на ЕХФ шампионатот во Македонија. Првиот е откажан од страна на ЕХФ, додека вториот настан е презакажан и ќе се одржи во август следната година во нашата држава.
Вардар имаше резултати за заборав во Лигата на шампионите, иако стигна до осминафиналето и требаше да има двобој со унгарскиот ПИК Сегед, но тие беа откажани. Вардарци стигнаа до финалето на СЕХА по победите на Нексе и Загреб, но таму беа запрени од Веспрем. Во новата сезона од ЛШ, „црвено-црните“ исто така немаат резултати за пофалба, но ќе видиме како ќе се одвиваат настаните во продолежнието во 2021 година.
Еурофарм Пелистер беше елиминиран во осминафиналето на регионалната СЕХА лига од Нексе, а настапите во ЛШ ги заврши уште во првата фаза. Во новата сезона битолчани играат во Лигата на Европа и имаа една побед, реми и три порази, додека во новата сезона од СЕХА, тргнаа победнички против Металопластика. Металург во новата сезона преку две квалификациски кола обезбеди место во Лигата на Европа, а таму има два порази и едно реми.
Од другите машки претставници, Бутел Скопје со победа и пораз беше елиминиран од унгарскиот Ѓенѓеш во првото коло. Во женска конкуренција Чаир доживеа елиминација од српската Наиса Ниш во првото коло од ЕХФ Купот, а Куманово исто така два пати беше поразен од украинскиот Галичанка Лвов во второто коло од ЕХФ Купот. На домашен терен беа откажани сите шампионати и Куп натпреварувања, а РФМ реши да нема победници.
На домашен план почна новата сезона во Суперлигата, Женската лига и во Првата лига, а сите натпревари се одиграа, иако имаше многу одложувања поради коронавирус. Кон крајот на февруари би требало да започнат плеј-офот и плеј-аутот во Суперлигата и Првата лига, како и вториот круг од регуларниот дел во Женската лига. Би требало тогаш да стартуваат и елиминациските натпревари во Купот на Македонија.
Во новата година, која се надеваме ќе запаметиме убави резултати, не чекаат настапот на машката селекција во квалификациите за ЕП 2022 со Данска, Финска и Швајцарија, на женската селекција во квалификациите за бараж за СП 2021 и дуели од ЕХФ Еврокупот против Црна Гора, Словенија и Норвешка. Машката кадетска репрезентација ќе биде активна на ЕХФ шампионатот во Македонија, младинците нема да имаат акција, додека женската младинска ќе биде домаќин на ЕХФ шампионатот, а женската кадетска ќе биде дел од ЕХФ шампионат во Грузија. На клупска сцена, Еурофарм Пелистер и Вардар продолжуваат со дуелите во СЕХА лигата, Вардар и во ЛШ, а битолчани и Металург во Лигата на Европа. Тука се стандардните натпревари во Супер лигата и Женската лига, во Првата лига, како и во Купот на Македонија, плус дуелите од сите младински натпреварувања под капата на РФМ, кои се надеваме ќе се одиграат оваа сезона.
СРЕЌНА НОВА РАКОМЕТНА 2021 ГОДИНА!