13 Титули во македонското првенство, 10 освоени Купови на Македонија, 245 настапи за репрезентацијата на Македонија, бројки кои говорат за величината на најдоброто македонско лево крило Стевче Алушовски. По својата плодна кариера која ја градеше на македонско тло, Алушовски остана во ракометот да го пренесе своето знаење на најмладите. Тоа беше повод за разговор со македонската легенда во „РЕТРОРАКОМЕТ“.
Ракометниот бастион Битола е местото од каде Стевче ја започнал својата ракометна приказна. Од секогаш ја сакал ракометната игра, а се започнало со првите средношколски денови.
Од своја 14 година, започнав со тренинзи на клупско ниво, а претходно две години бев член на ракометната училишна секција. Со ракомет активно се занимавав 28 години, тренирајќи во пионерска конкуренција на Пелистер преку кадетска, младинска до првиот тим, многу рано на 17 години веќе бев член на првиот тим на Пелистер. Настапував три години во југословенската лига, а по осамостојување на Македонија до 2000 година бев член на Пелистер, 2004/2005 повторно бев во Пелистер, девет години играв за Вардар, две години во Јафа Промет и три години во Металург.
Своите ракометни чекори ги усовршувал заедно со најдобрите стратези, во најквалитетните македонски екипи. Печат во развојот на ракометната игра на поранешното репрезентативно крило, оставиле најголемите југословенски легенди.
Во текот на кариерата сум имал плејада на врвни светски тренери, велам она што е Бил Гејтс во технологијата и бизнисот, тоа се овие тренери кои сум ги имал за ракометот, од Тута Живковиќ, Веселин Вујовиќ, Лино Червар… Сите заедно имаат освоено еден куп олимписки и светски медали. Не би издвоил некој посебно, но од сите сум учел.
Мојот прв тренер во младинска категорија беше Стојан Дамјановски, можеби најзаслужен за мојот ракометен развојот беше Никола Jeвремовиќ, кој важеше за врвен тренер во младинските категории, беше селектор на југословенската репрезентација. Времето што го поминав заедно со него во Пелистер, мислам дека за мене беше најзначајно за ракометниот развој и учење на тајните на ракометот, а јас бев млад сакав да учам и научив многу.
Последната декада ракометниот клуб Пелистер го загуби чекорот со најквалитетните екипи во Македонија, токму првите ракометни чекори го поврзуваат Алушевски со некогашниот ракометен гигант.
Јас сум дете на Пелистер, незнам како функционира Вардар со Самсоненко сега, но мислам дека овие клубови и Металург и Вардар со Михајло Михалјовски беа далеку зад она што значеше Пелистер во тоа време, како еден клуб треба да изгледа организациски, како еден клуб треба да живее со играчите и со тренерот, Пелистер функционираше како едно семејство. Според мене Силијан Мицевски е човек кој многу знае ракомет, за жал го изгубивме во ракометот, искрено се надевам дека повторно ќе се врати.
Ме боли тоа што од 2005 година Пелистер е оставен на милост и немилост. Сум освоил многу титули со Пелистер и во домашно првенство и купот, имам бројни настапи на европска сцена, бев дел од репрезентацијата која се пласираше и на Европско и на Светско Првенство како ракометар на Пелистер. Навистина ми е криво што Пелистер е толку ниско на ракометното небо, меѓутоа искрено се надевам дека времињата ќе се променат и Пелистер ќе го врати стариот сјај.
Кои Ви се најдраги спомени од времето на Пелистер?
Првата титула по осамостојување на Македонија ми е еден од најдрагите моменти, прва титула, нова држава, млад играч, чувствувате едноставно дека сè е ваше. Победата над Фленсбург кој тогаш беше победник на ЕХФ купот, силен Фленсбург со врвни германски ракометари. Освојување на Купот на Македонија 1999 во Велес со четири повредени играчи, кога отидовме како отпишани, а го освоивме Купот, тоа се тие моменти што ќе останат во сеќавање.
Алушовски е меѓу ретките ракометни професионалци кои можат да се пофалат со настап за југословенската младинска репрезентација, како изгледале тогашните младински натпревари?
Во тоа време немаше настапи како сега на европски и светски првенства, се натпреваруваше Југославија, а да се дојде до репрезентација на Југославија беше многу тешко, од 22 милиони да влезете во репрезентација е многу потешко отколку сега. Од 20 000 регистрирани ракометари во својата генерација многу е потешко да изборите место во репрезентација, отколку сега кога е многу полесно. Во тоа време имаше натпреварување меѓу републиките, каде Македонија имаше своја младинска репрезентација. На републичкото натпреварување се избираа репрезентативците на Југославија, јас за среќа ја имав таа чест да настапувам за југословенската репрезентација, трипати. Од таа генерација Игор Котевски е човекот кој започна да тренира заедно со мене во Пелистер. Можеби пивотот број еден во Македонија, без да потценам никого.
Една од улогите на позицијата директор на репрезентација е грижата и организација околу младинските категории, кое е Вашето мислење за резултатите на младите македонски ракометари?
Се направи чекор напред со пласманот на кадетската и на младинската репрезентација на Македонија на европските првенства, мислам дека многу малку од луѓето во Федерацијата имаа слух за тоа како треба да се поделат тие селекции. Добро е што после 10 години во младинска и 15 години во кадетска селекција повторно сме дел од европските првенства, а ако го земеме во предвид фактот дека една Хрватска не се пласираше на младинското првенство, мислам дека е добар успех и 16-то место, но некој сакаше да го претстави тоа како неуспех, евидентно не ги познава случувањата во ракометна Европа и си зема за право секој да напише што сака.
Дали постои некој голман, против кого не сте сакале да играте?
Никогаш не сум размислувал дека има голман што може да ми прави проблеми. Играч кога е спремен и кога во врвна форма тешко дека има голман кој може да му одбрани. Секако дека секој играч има некој што му е незгоден. Јас не сум ги чувствувал така, јас сум играл против Арпад Штербик кога бил во најдобра форма во Фотекс и против Алиловиќ… доколку добро сте подготвени, доколку не размислувате на голманот, доколку не се фокусирате на неговата изведба туку на својата тогаш ќе немате проблеми. Нема голман против кој не сум сакал да играм.
Со кој ракометар најдобро сте соработувале?
Играч со кој најдобро сум се разбирал е Пепи Манасков, кој што според мене е она што е Мајкл Џордан во кошарката, тоа е Пепи во ракометот.
Број еден за мене е Пепи, па Драган Маринковиќ, бивши репрезентативци, легенди од старата гарда, а од новата генерација Кире Лазаров, Наумче Мојсовски, Филип Миркуловски, Кире Атанасовски и Ванчо Димовски.
Во 2001 за прв пат ја менувате ракометната средина, а Битола за Скопје. Која беше причината да направите трансфер во Вардар?
Никогаш во својот град или својата држава не можете да бидете газда. Осетив потреба да им покажам на некои луѓе кои ме гледаа со потценување. Доживеав многу непријатни сцени во тие четири години. Неможам да го заборавам првиот натпревар кога настапував во „Младост“ на натпреварот Пелистер-Вардар, јас и Пепи Манасков од Пелистер преминавме во Вардар. Тоа се сцени кои не се убави за гледање, но живеевме во едно такво време, истрпевме се, бевме професионалци. Јас знам колку моите дома имаа проблеми затоа што јас играв во Скопје и како се чуствував јас при секое враќање во Битола, меѓутоа за жал сѐ тоа е дел од спортот кај нас.
Сите одлуки на професионален план ги донесував сам, во разговор со семејството но конечната одлуката ја носев сам. Немав среќа да излезам во странство и да направам интернационална кариера, но сум задоволен од тоа што го направив тука во Македонија, секако немаше да го постигнам тоа што го постигнав без семејството. Се оженив млад на 24 години, имам син 17 години и ќерка 14 години и тие се дел од сите мои успеси и неуспеси во спортот.
После долг период во Вардар, ја менувате средината за градскиот ривал, Металург.
Во Вардар бев девет години, го чувствував Вардар како свој, имавме недоразбирање со тогашниот претседател Михајловски кој одлучи дека јас со 37 години сум престар за да играм во Вардар, во тоа време Љубомир Савевски беше човекот кој сакаше да направи млада екипа. Според мене еден некоректен однос, но кога ќе го вратам филмот така требало да биде. Јас бев едноставно оставен така да ја завршам кариерата, но Металург видоа дека јас можам уште, ме ангажираа и не погрешија. Тоа беше причината да преминам во Металург кај Лино Червар, а преминот од Вардар во Металург беше непланиран.
Целата кариера ја градевте на македонско тло, дали некогаш сте посакале да се обидете надвор од границите на Македонија?
Да имам сега 20 години знам дека веднаш ќе заминам, бидејќи сега таква е поставеноста на пазарот. Во тоа време, кога јас бев млад, крило и пивот неможеа да се продадат бидејќи бројот на странци беше ограничен и сега е тоа така, меѓутоа играчите што се од Европа веќе не се странци. Јас имав две шанси да излезам надвор, првата во 1998 година, кога се пласиравме на Европското Првенство и кога јас одиграв една сјајна сезона, имав понуда од Загреб кој токму таа година играше во финалето на Лигата на шампиони. Но ми се случи тешка болест пред Европското првенство, отидов млад не знаејќи што ме очекува таму, бев неспремен и не го пружив она што од мене се очекуваше. Луѓето од Загреб едноставно се предомислија и се одлучија за литванско крило. Следната шанса да заминам во странство беше во 1999 година во Брегенц, меѓутоа мојот менаџер Сердарушиќ во тоа време имаше недоразбирање со управата на Брегенц, така што и таа шанса пропадна, после тоа не ни размислував за трансфер во странство, ми беше убаво во Македонија. Единствено ми е криво, зошто ќе видев до каде се моите крајни граници, нов предизвик сакате да се докажете, поинаку е кога сте во странство, а поинаку е кога сте дома, можеби тоа е единствената нишка која ќе недостасува во мојата кариера, меѓутоа не жалам.
Образованието е важно за секој човек, но професионалните обврски на еден спортист не оставаат премногу време за академските аспирации. Дали само желбата е доволна за успешна академска кариера?
Дипломирав на машински факултет во Битола во 2000 година, станав апсолвент во 1997, но со пласманот на Европското и Светското првенство не се појавив на факултет две години и можеби немаше да го завршам факултетот доколку еден од професорите, господинот Илија Мијаковски не ме запрашаше до каде сум со факултетот. Во тоа време спортот не беше поставен на професионални основи како што е сега, имав време и сакав да се едуцирам, го завршив Машинскиот факултет за 6 години. Откако се пласиравме на Европско првенство 2009 запишав постдипломски студии на ФОН и сум магистар по спорт и спортски менаџмент. Ако се сака сѐ се може, без разлика дали сте професионален спортист, за се има време доколку добро човек се организара.
По завршување на активната ракометна кариера отворивте ново поглавје повторно поврзано со ракометот. Која беше улогата на Директорот на репрезентација?
Јас имав понуда да бидам помошен тренер на Лино Червар или да бидам дел од Федеарцијата и да бидам директор на репрезентација. Ја прифатив одлуката да станам директор на репрезентацијата, затоа што сметав дека ќе соработувам со млад лидер, Живко Мукаетов кој што во тоа време беше претседател девет или десет месеци. Бев на разговори, на кои што разговаравме не само за проектите како директор на репрезентација туку и за развој на македонската репрезентација. Искрено се надевам дека сите мои ангажмани кои ги имав во изминатите 14 месеци, колку што бев во Федерација, помогнаа да се заврти тркалото од мртва точка во некои центри, како Прилеп, Битола, Охрид, каде работат со млади селекции. Она што значеше да се биде директор на репрезентација на Македонија, за мене беше ново искуство, да се научи како треба да се организараат подготовки за Европско Првенство, припреми за квалификациски натпревари, да се планира во годината која е пред вас кои ќе бидат активностите на А-селекција, младинска и кадетска. Многу малку од тоа, за жал, успеав да организирам, едноставно не чувствувам повеќе дека треба да сум дел од таа Федерација.
Следен чекор во кариерата е „Академија Алушовски-Вардар“, како се случи да започнете со овој проект?
Пред потпишување на договорот за соработка со Вардар, благодарејќи на градоначалникот на општина Карпош, господинот Стевчо Јакимовски, кој имаше слух и разбирање дека најспортската општина во Македонија треба да има ракомет јас работев шест месеци со млади генерации ракометари, имав околу 110 деца коишто редовно тренираат и се под моја надлежност. Истотака Валентина Радуловиќ е дел од тимот на „Академија Алушовски-Вардар“ и Димитар Бадев. Соработката со Вардар значи еден чекор напред, сигурно е поразлично позади тебе да стои еден голем клуб. Очекувам искрена соработка и взаемна доверба, голема професионалност како од наша така и од нивна страна. Да успееме преку проектот „Страст за ракомет“ да направиме нови генерации врвни ракометари.
Колку се пронаоѓате во улогата на тренер?
Неможам да кажам дека се пронаоѓам, бидејќи досега извршував друга функција и децата ги тренирав повеќе од љубов. Но во наредниот период ќе се посветам максимално на тренерската работа, веќе сум пред добивање на „master coach“ дипломата која ја издава ЕХФ. Ме исполнува работата со децата, сметам дека работиме исправно, по програмата која ја работи словенечката федерација, а сега со потпишување на договорот со Вардар имаме програма по која треба да се водиме.
Што не значи дека Стевче Алушовски ќе биде тренер само во „Академија Алушовски-Вардар“, јас имам знаење и сакам да работам со професионалци. Шансата која ја испуштив кога ја прифатив позицијата директор на репрезентација, се надевам дека ќе ми се пружи повторно во некоја друга прилика или на некое друго место.