Ракометарите на Прилеп на домашен терен беа убедливи против Јуниор Кисела Вода со резултат 33:27 во плеј-аут натпреварувањето во Супер лигата. Ова беше втор триумф на младата екипа на Прилеп во борбата за опстанок во најквалитетното натпреварување во Македонија.
Гостите од Скопје беа во водство до првите седум минути при резултат 3:2. Избраниците на Горан Кузманоски преку разновидната игра и добрата одбрана стигнаа до водство од 6:4. Одличната игра на домаќините продолжи и во преостанатите дваесетина минути, па така резултатот на полувреме беше 18:14 за составот на Прилеп.
Во второто полувреме ракометарите од Скопје имаа шанса да се вратат во игра и намалија на минус три, 21:18. Сепак, во продолжение ракометарите на Прилеп ја надоградуваа својата предност која достигнуваше и до десет гола разлика и успешно дојдоа до посакуваната победа.
Најефикасни во Прилеп беа искусните ракометари, Александар Тренчевски и Реваз Чантурија со по шест гола. Во составот на Јуниор Кисела Вода се истакна Игор Мршуља со осум гола. Во следното коло, Прилеп ќе ги одмери силите со Астраион во Струмица, Јуниор Кисела Вода на свој терен ќе го игра дерби натпреварот против Радовиш.