По убедливата победа над Косово, женската кадетска репрезентација на Македонија забележа уште еден триумф на ЕХФ шампионат што се игра во Клаипеда. Нашите ракометарки славеа против домаќинот Литванија со 15-28.
Избраничките на Љубомир Савевски отворија одлично со водство 1-4, а промашија и пенал за плус четири. Потоа следуваше еден пад во играта, Литванките поведоа со 5-4, но следуваше серија одбрани на голманката Јовановска, па голови на Ризоска и Младеновска за 5-11.
Домаќинот за момент намали на 6-11, но повторно имаше пад во играта, па Македонија ги казни сурово сите грешки и се одлепи на плус осум 6-14. Постот на Литванија без гол траеше до последните секунди од првото полувреме, кога Каируте стрелаше за 7-14 на пауза.
На стартот на вториот дел, Македонија повторно имаше највисоки плус осум, 7-15 по голот на Младеновска. Домаќинот не се откажуваше и успеа со серија погодоци и по наши грешки да се врати на минус пет, 11-16.
Беше и 12-18, но тогаш нашите ракометарки искористија неколку грешки на ривалот и се одлепија на плус девет, 12-21, а кога на десетина минути до крајот беше 13-24 веќе беше јасно каков натпревар ќе гледаме до крајот. Само рутински беа одработени последните минути за конечна победа, 15-28.
Најдобри стрелци во македонскиот тим беа Младеновска со осум голови, како и Ризоска и Дукоска, со седум односно шест погодоци. Голманката Јовановска имаше 11 одбрани.
Следува ден пауза на ЕХФ шампионатот, па дуели со Финска и Шпанија. Селекцијата на Шпанија е главен фаворит за титулата и досега нема пораз на три меча, додека Финска има две победи и еден пораз. Победа против скандинавките, Македонија ја носи во полуфиналето, без разлика на исходот од двобојот со Шпанија.