Машката сениорска репрезентација на Македонија ќе игра на уште едно Европско првенство и во јануари ќе биде меѓу селекциите кои ќе настапат во Унгарија и Словачка, а ова стана јасно откако денеска беше забележана победа против Финска во Рихимаки со 27:22.
Од почетокот на средбата се виде дека ова нема да биде воопшто лесен натпревар и дека Финците се добро подготвени и мотивирани. Македонија почна со помладите ракометари кои успеаја 15 минути да се одржат во ритам, но се гледаше дека го губат чекорот.
Ова беше причина на терен да се најдат поискусните. На терен беа Лазаров, Миркуловски, Кузмановски, Стоилов… но Финска веќе беше на плус три. Тешко се неутрализираше оваа негатива така што до крајот на првото полувреме се бараше приклучок.
Финците успеаја да се одбранат, а имаше и недоволно добра реализација така што на одмор негативата беше два гола. Финска водеше со 14:12, а ова беше најава дека во второто полувреме нема простор за тактизирање односно мора да се одигра на максимум.
Проблемите кои се имаа со голманот на Финска, Патрик Росландер продолжија и во второто полувреме. Тој бранеше неверојатно и само собираше одбрани и доаѓаше до повеќе и повеќе интервенции.
И покрај тоа до нерешен резултат се дојде во 40. минута кога резултатот беше 17:17, а отпорот на Финска беше скршен девет минути подоцна кога капитенот и селектор на Македонија, Кирил Лазаров донесе водство од 20:19.
Тука работите тргнаа во одличен правец. Серијата продолжи, а на шест минути до крајот веќе беше јасно кој победува на овој натпревар. После петте гола во серија Македонија дојде до 23:19.
До крајот предноста беше зачувана така што победата беше потврдена и со четвртиот триумф во овие квалификации потврдено местото меѓу селекциите кои обезбедија место на Европското првенство. Иако натпреварот беше потежок од очекувањата, сепак, на крајот квалитетот дојде до израз и Македонија заслужено дојде до победа од 27:22.
ФИНСКА – МАКЕДОНИЈА 22:27 (14:12)
Сала: Кокс Арена во Рихимаки. Судии: Саид Бунуара и Калид Сами од Франција. Делегат: Калев Вестли од Естонија.
ФИНСКА: Росландер (19 одб., 3 сед.), Хејнонен (2 одб., 1 сед.), Линдберг, Хенриксон, Форс 1, Хеландер 4, Сјоман 2, Мартин 4, Сирјала 1, Р. Гранлунд, М. Грандлунд 6, Сакинен 1, Содерлунд, Војрландер, Карлсон 3, Туоминен
Седмерци: 3/3, Исклучувања: 14 мин.
МАКЕДОНИЈА: Томовски (7 одб.), Митревски (8 одб.), Манасков 1, Велковски 1, Стоилов 2, Лазаров 5, Ѓорѓиев 2, Талески 1, Миркуловски 2, Маркоски, Кузмановски 5, Георгиевски 4, Пешевски 1, Маџовски 1, Серафимов 1, Мишевски 1.
Седмерци: 6/12, Исклучувања: 6 мин.