Екипата на Охрид која е лидер во Групата А од Супер машката лига дојде до нова осма победа во осмиот одигран натпревар сезонава откако на гостувањето во Радовиш беа освоени три бода после конечните 28:22.
Составот на Охрид одигра подобра средба и успеа да ја потврди улогата на фаворит. Имаше моменти кога и домашните успеваа да покажат дека можат да парираат, но не беше така лесно.
Првите минути од средбата минаа во израмнета игра, а двете екипи се менуваа во водство. И на едната и на другата страна имаше добри моменти, но предноста главно беше еден гол при што веднаш доаѓаше до израмнување.
Ваквото темпо на игра придонесе за во продолжение да нема сигурност ниту за едниот ниту за другиот тим, но на одмор составот на Охрид замина со предност од 14:12.
Овие два гола не беа гаранција за мирно продолжение на средбата. Домашните успеаја да израмнат на 19:19, но не и да дојдат до подобар резултат. Место тоа само ги мотивираа многу повеќе гостите кои тргнаа во многу посилен ритам и до крајот на средбата не дозволија изненадување.
Охриѓани успеаја да стигнат до највисоки шест гола на крајот од натпреварот и се враќаат дома со нови три бода кои само ги зацврстија на врвот во Групата А.