Хрватскиот шампион Загреб доби големо засилување во стручниот штаб во продолжението од сезоната.
На местото стручен советни за спортски прашања, доаѓа екс тренерот на Металург и селектор на Македонија, Лино Червар.
„Долги години бев тренер во Загреб и го знам клубот доволно, но сега ќе имам поголема улога од тренерската. Загреб е клуб со богато минато, сегашност, а мора да има и иднина, бидејќи е важен за нашата репрезентација. Гледам дека намера на Загреб е да им дава шанса на младите хрватски играчи, а идеалниот модел е скандинавскиот, кој вклучува работа само со млади ракометари и може да се направи добра селекција. Мораме да работиме повеќе од другите, бидејќи немаме толкава финансиска моќ како други, но мора да имаме повеќе страст, псоветеност и амбиции во работата со младите. Мораме да создаваме играчи. Ќе се обидам да го пренесам моето искуство, визија и идеи. Ќе дадам се од себе да внимавам и да ги насочувам тренерите во сите категории на Загреб“, вели Червар.
Загреб има лош старт во Лигата на шампионите, каде забележа четири порази, од кои три беа двоцифрени, па на местото на Игор Вори дојде Владо Шола. Следен ривал на Загреб ќе биде словенечкиот Целје.