По слабиот резултат на Светското првенство во Египет, Лино Червар си поднесе оставка на селекторската функција во хрватската репрезентација. Управниот одбор на ХРС ја прифати неговата оставка и денеска го официјализираше неговиот наследник – Хрвоје Хорват.
Червар, како координатор за машкиот ракомет, предложи три имиња до УО како негови наследници – Славко Голужа, Хрвоје Хорват и Ивано Балиќ, а ХРс се реши за досегашниот помошник на Червар во националниот тим и тренер на Нексе Нашице.
„Му благодарам на УО на ХРС што ми укажа доверба. Многу сум среќен. Низ сите години што работев со Червар собрав многу искуство и знаење што ќе ми користи и помогне во водењето на сениорската репрезентација. Свесен сум колку е голема одговорност, но верувам дека можам да одговорам на сите предизвици и успешно да ја водам Хрватска“, вели Хорват.
Прва обврска за него и за Хрватска ќе биде квалификацискиот турнир за Олимпијада, на кој ќе се борат против Франција, Португалија и Тунис за место на ОИ.