„Ни треба јасно правило – со колку заразени престануваме да тренираме“

Екипата на Мец ги откажа закажаните пријателски натпревари откако една ракометарка беше позитивна на коронавирусот на последното тестирање.

Тренерот на клубот, Емануел Мајонад уште еднаш го кажа својот песимистички став за пандемијата и играњето на натпревари во вакви услови.

„Ова е голем удар за нас и целосно го менува текот на нашите подготовки. Не можеме да тренираме во група, ниту ракометарките можат да бидат заедно. Ова е тоа од што се плашев, но мислев дека шансите за зараза се минимални. Сакам играчите да размислуваат за своето здравје и нивната работа, тоа е нивната егзистенција. Доколу од септември играме без публика тоа ќе влијае и на нивните примања. Имавме добар напредок изминатиов период, пред нас беа пет пријателски средби но сега ова е катастрофа. Сè уште не знаеме дали ќе играме против Битигхајм на 28 август. Тоа ќе го направиме само доколку сите се тестирани и негативни, во спротивно ќе откажеме се. Јас сум песимист, како и што бев во пролетта за доигрување на сезоната. Потребно ни е јасно правило, со колку заразени ќе престанеме да тренираме. Во моментов не можеме да тренираме, што ќе правиме доколку ова ни се случи во текот на сезоната“, рече Мајонад за „Ле Републикан Лорен“.

Претходно Мец исто така имаше проблеми со заразена ракометарка, но тогаш беше од младинските тимови што не влијаеше многу на првиот тим. Сега ситуацијата е посериозна и неизвесно е кога екипата ќе продолжи нормално да се подготвува за почетокот на сезоната.