Поранешниот репрезентативец на Хрватска и екс член на Вардар, Блаженко Лацковиќ во својата кариера ја освои титулата во Лигата на шампионите со екипата на Хамбург во сезона 2012/2013.
Со Хамбург го поврзуваат убави моменти и токму во германската екипа поминува најголем дел од неговата кариера, од 2008 до 2014 година.
Лацковиќ по завршувањето на кариерата доби ангажман во Хамбург. Раководството на Хамбург имаше големи амбиции за враќање во најсилната Бундес лига, а оваа сезона нивниот сон конечно се оствари. Хамбург стана шампион во Втората Бундес лига и обезбеди пласман ранг погоре за новата сезона.
Дел од заслугите за првото место, одат за Лацковиќ, кој одлично се снајде на функцијата асистент на главниот тренер, Торстен Јансен.
За хрватскиот „Јутарњи“, Лацковиќ потенцираше дека Втората Бундес лига е изедначена по квалитет, а напредокот на клубот од сезона во сезона даде позитивен резултат.
„Не е лесно, искрено не се ни надевавме дека сето тоа може да оди толку брзо кога влеговме во целата работа. Но, еве, се појави можност и ја искористивме на најдобар можен начин. Втората лига е одлична, изедначена, се бара континуитет. Бевме во Трета лига кога дојдов од Кил пред пет години, потоа во втора лига игравме три години, така што ракометарите имаа време, но правецот беше секогаш добар. Немаше притисок дека мораме да сториме нешто и тоа ни одговараше, созреаја неколку помлади домашни играчи кои не би добиле шанса на друго место”, изјави Лацковиќ.
Поранешниот ракометар на Вардар истакна дека ужива во својата тренерска работа.
„Јас дефинитивно се гледам во тренерската работа, уживам во тоа, па ќе видиме како и што понатаму. Разговаравме многу со тренерот, Јансен за сè и мислам дека најважно е што учевме и трениравме доста работи и дека играчите и клубот имаат амбиција да напредуваат”, заврши Лацковиќ.
Во играчката кариера, Лацковиќ го носеше дресот на Вартекс, Загреб, Фленсбург, Хамбург, Кил и Вардар. Во македонскиот шампион, Вардар настапуваше две сезони и потоа направи камбек во Германија играјќи за Кил и Хамбург. Со репрезентацијата на Хрватска има освоено голем број на медали од големите натпреварувања.